Во Билазора имало владетелска палата кога во Атина куќите биле од ќерпич

Kога владетелот на независна Пајонија го крунисаа во реката Брегалница, горд и задоволен се качи на својот коњ и тргна дома. Тоа беше некаде во 4 век пред новата ера. По неколку часа, јавајќи низ овчеполските полиња со жито, ги здогледа ѕидините. Стигна пред силно утврдениот бедем и ја помина масивната дрвена порта. Се симна од коњот и одејќи по поплочената улица стигна во својата палата. Ја отвори двокрилната врата и влезе во огромниот објект. Застана на скалите пред отворениот средиштен двор и фрли поглед на жлебаните столбови обоени со бела боја, кои ги држеа тешките камени архитрави обоени во црвено. Лево отвори уште една масивна врата и влезе во просторијата украсена со фрескоживопис. Долната зона беше црвена, над неа црна, па бела боја. Горната зона од ѕидовите беше од плитарни тули, па изгледаше дека завршува пак со црвено. Таванот беше бојосан во бело, а газеше по идеално измазнетиот под од 10 сантиметри дебелиот слој од глина. Оттука се упати во пространата кружна просторија за да им се заблагодари на боговите. А му требаше нивна помош, бидејќи го чекаше тешка битка со северните племиња. Не требаше да ја брани само својата држава – Пајонија, туку и Долномакедонското Kралство кое му даде независнот.

Оваа приказна е куса реконструкција на настаните пред 26 века што се одвивале на територијата на денешна Македонија, поточно, кај светиниколското село Kнежје, каде што археолозите го истражуваат пајонскиот град Билазора. Веќе нема простор за дилеми, велат тие. Ова е дефинитивно тој град, а последните истражувања фрлаат сосема нова светлина на историските настани не само на оваа територија, туку и на Балканот.

Археолозите предводени од професорот Драги Митревски од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје во соработка со Народниот музеј од Свети Николе веќе втора година го истражуваат објектот кој всушност бил владетелска палата. Истражувањата се во рамките на капиталните проекти што ги финансира Владата.

Престолниот град на независните Пајонци

Делови од палатата беа откриени во изминатите години, но сега археолозите ги дознаваат нејзините главните белези. Архитектонскиот комплекс се наоѓа на највисокиот дел – акрополата на населбата. Тоа го потврдија со материјални наоди на подовите, под паднатите ќерамиди. Сите се од 5 и 4 век пр.н.е.

– Според распонот на движните наоди и белезите на архитектурата, резиденцијалната палата била во употреба во 5 и 4 век пр.н.е. На подот откривме монети, една од нив е и сребрената монета на Александар Трети Македонски. Таа го датира точно времето на уривање. Тоа се случило кон крајот на 4 или почетокот на 3 век, но никако подоцна. Чија била оваа палата, кој живеел во ваков објект во времето на Перикле, кога во Атина вакви монументални градби се граделе само за боговите на Акропол, додела луѓето живееле во обични куќи, градени од ќерпич – вели Митревски.

Според него, олку јака архитектура и комплицирани техники на градење се сосема невообичаени и неочекувани за 5 и 4 век пр.н.е.

– Во тоа време ваква архитектура може да биде само храм посветен на боговите. И во тој случај би се работело за многу помал објект. Но, ова не е храм, ниту сакрален објект – тука живеел некој. Во просториите откриваме таков инвентар, таква е концепцијата на самиот комплекс – за секојдневно живеење. Нема сомнение дека е објект од владетелски карактер – вели Митревски.

Во тоа време, кога со Долномакедонското Kралство владееле Александар Први или Пердика Втори, според историските извори, на оваа територија можело да има само пајонски владетели.

– И тоа оние што во тоа време имаат добиено независност од македонската империја за да ја чуваат од северните напади. Ги спомнува Тукидид во втората половина на 5 век пр.н.е – независните Пајонци. Тие се независни од империјата долу, ама се во нивна служба. Во изворите среќаваме податок дека најголемиот град на Пајонците е Билазора. Таа претпоставка науката ја потврдила уште пред 40 години. Денес, без сомнение се работи за градот Билазора. Ново откритие е палатата, која потврдува дека не се работи само за најголемиот, туку за најзначајниот град. Ова е престолниот град на владетелите на независните Пајонци – вели Митревски.

Пајонија го штитела Долномакедонското Kралство

Тој објаснува дека историјата ги познава овие луѓе. Тие ковале монети, учествувале во историските настани. Тоа се владетелите Ликпеј, Патрај, Авдолеон, Леон, Дропион и сите биле јаки фактори во овој дел на светот.

– Токму поради својата независност, некогаш зајакнувале до таа мера што дури ~ се спротивставувале на македонската империја. Но, генерално биле во нејзина служба. Во времето на Александар Велики, Пајонците ги давале главните генерали во армијата во походот на Александар. Тие биле бафер-зона и намерно биле чувани така во политиката на Античка Македонија – да ја штитат од северните племиња, за да може уште Филип (Втори) да планира поход на исток. Ако ова не му било сигурно, ништо не можел да направи – раскажува Митревски.

Не може точно да се дефинира со колкава територија располагале независните Пајонци во тоа време, бидејќи границите не може да се толкуваат во денешна смисла на зборот. Но, во изворите се среќаваат податоци – хидроними и топоними кои кажуваат многу нешта.

– На пример, важно место е реката Брегалница, каде што се крунисувале тие владетели. Важен хидроним е Вардар и неговата долина, Средно и Горно Повардарје. Во изворите се спомнуваат најсеверните Пајонци – Агријаните кои се сместуваат во Скопско, Kумановско, Ќустендилско, до Горна Струма. Kога ќе кажеме Пајонци, мислиме на заедничко име на сродни заедници, племиња, кои имаат ист јазик и култура, но секое од нив има свое племенско име. Се спомнуваат на запад Деропи, на југ е најразвиеното племе Дерони. Има Добери, Сиропајони. Но, едни се независните Пајонци – тие што живееле тука, кои имале своја политика, владетели, престолнина, свој систем и владетелска палата која ние денес ја истражуваме – објаснува професорот.

Според концепцијата, палатата е многу слична на тие во Ајга, Вергина, во старата престолнина на Античка Македонија. Објектот е со многу одделенија кои се надоврзуваат. Археолозите се уште не ги отвориле сите простории. Засега откриено е предворјето, а во централниот дел има отворен двор, околу кој има една пространа кружна и повеќе помали простории, сите украсени со фрески. Влезот бил прекрасно уреден со столбови со вертикални жлебови обоени со бела боја, а архитравните греди биле црвени. Сe’ блескало. Внатре фреските биле во три бои – црвена, па црна, па бела. Горната зона од ѕидовите била од плитарни тули, а таванот бил бел.

– Фреските сè уште стојат. Овде е прекрасно сочувано, нема потреба од реконструкции, сè е тука. Kога се урнала палатата прекинал животот. Градот можеби живуркал уште извесно време до 3 век пр.н.е. Во 217 година тука војската на Филип Петти ја обновила тврдината и ја користела тврдината. Но тогаш палатата веќе била урната – објаснува Митревски.

За сè е виновна локалната пајонска култура

Неколку десетици метри настрана се гледаат деловите од акрополата која пред неколку години ја истражуваше Тексашката фондација за археолошки и историски истражувања (ТФАХР) во соработка со светиниколскиот музеј. Станува збор за истата населба. Тогаш беше откриен влезот во акрополата, а градот, каде живееле обичните луѓе бил сместен на терасите. Се гледа влезната капија и главната улица која води директно до палатата. Целата акропола е заградена со масивен бедем, со еден куп простории од внатрешната страна, магацини, работилници наредени околу. Во слободниот простор има стотици питоси за чување жито, за кризни времиња, во случај на опасност.

– Можеби централна економија е во прашање, каде што се собирала цела летница и се чувала тука бидејќи било најбезбедно. Целата акропола е во служба на палатата. Градот зафаќал површина од 20 хектари. За тоа време, не е играчка. Тоа бил најголемиот град – дециден е Митревски.

На прашањето од каде толкава моќ на овие луѓе во тоа време, професорот вели дека се’ се должи на претходната, железнодопска пајонска култура која била многу силна. Таа е основа, темел на се’. Нивната металургија овозможила многу брз подем и им дозволила да се развијат екстремно брзо во однос на сите останати во тоа време.

– Да го имаме сево ова во оваа внатрешност на Балканот, значи дека тие што тука развивале претходната локална пајонска култура во железното време биле економски многу моќни. Затоа племенските владетели можеле многу брзо да го прескокнат прагот на праисторијата и преку ноќ да станат владетели, кралеви, да бидат јаки фактори во сите историски случувања на Балканот – дециден е Митревски.

Според него, ова е матичната територија на таа пајонска култура од железното време. Сепак, додава Митревски, треба да направиме еден чекор појужно, бидејќи најразвиените Пајонци се во Долно Повардарје, во античкиот регион што се вика Амфакситида (од денешна Демир Kапија надолу, до морето).

– Тие биле најразвиени, до таа мерка како денес да ја споредувате Америка со Балканот. Но, токму поради тоа се првите што влегле во долномакедонската држава. Тие се есенцијата на рана Македонија. Kога ја имаме античка Македонија пред нас како политичка творба (бидејќи била многу повеќе политичка отколку етничка творба), тогаш пајонскиот елемент во неа е многу битен. Без него ниту ќе се направела империја, ниту ќе имало пари, ниту ќе можеле да тргнат во поход, ниту ќе го освоеле светот. Ако мериме процентуална застапеност, во тој случај, тој елемент е најдоминантниот. Од него, овие Пајонци останале незавизни токму поради интересот – да ја штитат империјата – вели Митревски.

Археолозите неделава завршија со истражувањата, но во септември ќе се вратат повторно на Билазора. За локалитетот е заинтересирана и локалната самоуправа. Градоначалникот Зоран Тасев веќе организирал пробивање на пат до акрополата и за кусо време ќе биде асфалтиран во меѓувреме, конзерватори од Стоби подготвуваат проект за заштита на фреските.

Според Митревски, попроблематична ќе биде конзервацијата на песочниот камен кој многу лесно се рони.

ПАЈОНЦИТЕ МУ БИЛЕ ГЛАВНИ ГЕНЕРАЛИ НА АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ

Пајонците се единствените од овој крај кои Хомер ги спомнал во Илијада.

– Хомер знаел дека биле сојузници. Оттука се потегнале и отишле под ѕидините на Троја и да се борат на нивна страна. Тоа Хомер многу добро го знаел и кога ги опишувал сите народи нему познати кои учествувале во војната, ги спомнал „Пајонците од широкостројниот Вардар“, од овој овчеполски и брегалнички регион. Тие се спомнуваат како значаен фактор во историските настани уште во доцното бронзено време – раскажува Митревски.

Античките автори оставиле уште еден убав записи за големината на еден мал човек од овие краишта, кој бил еден од генералите во војската на Александар Велики.

– Тој се тепал со огромниот Персиец, предложен од Александар да му се спротивстави. Биле како како Давид и Голијат. И го победил. Аристон од Пајонците, од овој регион. Тој запис е многу убаво опишан во историските извори и за него се знае. Аристион е династичко име, значи бил од владетелската куќа – вели Митревски.

ЖИВЕЕЛЕ КАКО МИКЕНЦИТЕ, НО ВЕКОВИ ПОДОЦНА

Со една реченица не може да се одговори како живееле жителите на Билазора пред 26 века, вели Митревски. Но, додава, може да се каже дека живееле многу слично на животот во микенските градови на егејското бронзено време.

– Во она херојско, митско време на Илијада, Одисеја, како во палатата на Одисеј на Итака, на Агамемнон во Микена, на Менелај во Спарта. Многу слично е организирано. Со тоа што ова се случувало многу подоцна. Но, за чудо, основните вредности се сочувани и негувани тука, а не во денешна Грција. Тоа е феноменот во науката, што тие вредности од едно многу постаро време нашле погодна почва за да продолжат да се развиваат тука. А таму тој развој е прекинат и почнува некој нов, друг свет на градови полиси – вели Митревски.

ПРАВЕЛЕ ФРЕСКОЖИВОПИС ПРЕД ДА ДОЈДАТ РИМЈАНИТЕ

Годинашните истражувања на владетелската палата во Билазора покажаа дека локалните жители биде добри градители, одлично познавале статика, занаетчиски работи, фрескотехника, а тоа го покажуваат и алатките пронајдени во објектот.

– Досега се сметаше дека Римјаните го донеле на овие простори малтерот и фреско-украсувањето на ѕидовите. Сега се покажа дека малтер имало уште во 5 век пр.н.е. Овдешните луѓе правеле малтерна основа врз која сликале фрески. Долго време се сметаше дека архитектонските вештини што ги знае антиката по Александар Велики, неговите инженери ги научиле од походот на исток. Ова е доказ дека ние сме ги имале два века претходно. Тие се можеби највредната работа. Тоа е новата страница во културната историја на Балканот воопшто – вели Митревски.

Весна И. Илиевска

Дневник 04 07 2014

Министерката за култура во работна посета на Свети Николе

– Идната година археолошките истражувања ќе бидат насочени кон локалитетот Била Зора, кој има огромен потенцијал – истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска при посетата на oпштина Свети Николе, каде што имаше средба со градоначалникот Зоран Тасев.

Ресорното министерство ќе ги финансира истражувањата и конзервацијата на пронајдените артефакти, но, посочи таа, неопходно е до археолошкото наоѓалиште да се изгради патна инфраструктура. Советот на oпштина Свети Николе донесе одлука за асфалтирање на патот.

– Со целиот тој капацитет да се продолжи со истражувањата на овој значаен локалитет, за кој сум убедена дека ќе има огромен потенцијал за туристичка промоција на Свети Николе, а преку него и на нашата држава – рече Канческа-Милевска.

Градоначалникот на Свети Николе истакна дека за општината е од големо значење локалитетот Била Зора, за кој минатите години беа заинтересирани и археолози од странство.

Исто така, беше нагласено дека Министерството за култура континуирано ќе одвојува средства за поддршка на реализацијата на проекти на Домот на културата од доменот на театарската, ликовната и музичко-сценската уметност, како и за проектот „Топол културен бран“, кој овозможува дисперзија на културните вредности до секој граѓанин во Македонија.

Министерство за Култура, 06 12 2013