Градиште – Славков дол. Утврдена населба од железното и раноантичкото време. Се наоѓа на југоисточниот раб од селото, од десната страна на патот кон Свети Николе. Претставува висок рид со неколку тераси, опкружен со стрмни и тешко пристапни страни во внатрешниот дел избразден од поројните води и ерозијата на земјата, кои како остри засеци се спуштаат дури до подножјето на северниот крај. На едната страна ридот е доста оштетен од причина што долго време бил користен за црпење на градежен песок. Градиште како археолошки локалитет е познато од порано, преку случајно откриени наоди, а и од И. Микулчиќ кој во неговиот габарит го лоцира раноантичкиот пајонски град Билазора.