1976 – Убикација, И. Микулчиќ

1990 – Сондажни ископувања, Г. Микулчиќ

1994 – Сондажни ископувања на базенот во подножјето, З. Георгиев и С. Данев

2001 – Сондажни ископувања на јужна некропола, С. Данев

Првите археолошки ископувања на Градиште-Кнежје беа изведени во седумдесеттите и осумдесетти години од XX век. Со сондирања на одделни различни позиции, на целиот простор на локалитетот, Г. и И. Микулчиќ констатираа насекаде населбински слоеви, со материјал, главно, од раната антика. Покрај тоа, беа документирани голем број дислоцирани археолошки наоди (камена пластика, питоси и слично) како и мноштво реупотребен антички градежен материјал. Обработени камени блокови или необработен камен, бил земан од рушевинските остатоци од античките градби на Градиштето и бил на широко користен за градење нови објекти во селото Кнежје.

Со следните сондирања во 1990 година беа со сигурност потврдени границите на локалитетот, како и карактерот на неговите тераси. Делови од куќи за живеење и населбински наоди, што се датираат во рамките од железното време, па некаде до пред римската окупација на Македонија, значеа потврди за околните тераси како стамбен простор. Со тоа стана евидентно дека се работи за голема и економски моќна населба, но за која сè уште не постоеа доволно елементи за потврда на претпоставката дека се работи за пајонска Билазора. Во раните девеесетти години од XX век, со интензивни копања за експлоатација на песокливата геолошка основа на локалитетот, во неговото северно подножје, градежната механизација откри необична, монументална градба од големи и убаво обработени камени блокови. За жал, со тие активности засекогаш беше уништена повеќе од 20% од површината на античкиот град. Сепак, градежните работи беа прекинати со можност градбата од делкани блокови да биде во целост откриена, истражена и презентирана. Резултатите од тие истражувања беа објавени од З. Георгиев во 1994 година, при што градбата беше определена како цистерна од V и IV век пред Христа, и тоа со претпоставка дека најверојатно била дел од веќе разрушениот северен градски бедем.

Во меѓувреме, во текот на девеесеттите години од XX век беа вршени уште неколку помали сондажни ископувања, главно, од С. Данев археолог во Музејот на Свети Николе. Со нив само се потврдија веќе постоечките сознанија за локалитетот, но се откри и еден сосема нов момент. На соседното возвишение, непосредно на југ од локалитетот, беше откриена група гробни конструкции – цисти, градени од камени плочи. Иако резултатите од тие ископувања никогаш не беа публикувани, сепак беше евидентно дека се работи за гробови од железното време или за некропола од најстарото живеење на населбата што суштествувала на локалитетот Градиште-Кнежје во текот на VII-VI век пред Христа.